Само еден ракометар од Суперлигата во поширокиот список на Чутура

Вршителот на должноста селектор на српската ракометна репрезентација Далибор Чутура денеска го објави поширокиот список на играчи за претстојните натпревари против Летонија и Италија во квалификациите за Европското првенство во 2026 година.

„Влегуваме во последниот циклус од квалификациите за Европското првенство. Имаме два многу важни натпревари со Летонија и Италија во кои треба да победиме за да го потврдиме местото и визата за шампионатот. Составот е малку изменет во однос на претходните, има некои нови имиња кои се наметнаа со своите игри за претстојните натпревари“, рече Чутура.

Инаку, во списокот на привремениот селектор на Србија се најде само еден ракометар кој што настапува во Суперлигата – Урош Борзаш од Еурофарм Пелистер. Српската ракометна репрезентација на осми мај ќе игра против Летонија во петтото коло од четвртата група од квалификациите за ЕП 2026 година, а три дена подоцна во последното коло ќе ја пречека Италија.

Пласман на Европскто првенство ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од осумте групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции. Шпанија е прва на табелата во групата 4 со шест бода, додека Италија е втора со шест. Србија е третопласирана со четири бода, а Летонија е последна без бодови.

Европското првенство ќе се одржи од 15 јануари до 1 февруари 2026 година во Данска, Норвешка и Шведска.