• Горан Упале
Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја објави најновата ранг-листа на национални федерации за претстојната сезона во Европската лига, а Македонија забележа пад од две места (од 12. на 14. место).
Но, и покрај тоа Суперлигата и понатаму ќе има еден директен учесник во второто по ранг натпреварување на ЕХФ. Тоа место му е загарантирано за македонскиот шампион, но доколку истиот побара „вајлд-карта“ за учество во Лигата на шампионите и истата биде одобрена, тогаш во Европската лига ќе патува вицешампионот, како што беше случајот во последните неколку сезони.
Иако има вкупно 36 загарантирани места во Европската лига, дел од нив се ослободуваат поради „вајлд-картите“ за Лигата на шампионите, па oстануваат осум слободни места кои ќе бидат пополнети исто така со „вајлд-карти“.
Во новата сезона (2026/27) во Европската лига ќе се натпреваруваат 32 екипа, распоредени во осум групи по четири екипи.


