Само Барса од ривалите во Келн знае за трофеј во ЛШ и ги има најмногу

Ракометниот колектив на Барселона фигурира како неприкосновен лидер на „вечната листа“ и со девет трофеи котира највисоко во Лигата на шампионите. Токму поради тоа, букмејкерите ја сместија највисоко на пиедесталот во пресрет на „фајнал-фор“ турнирот во Келн кој стартува денес. 

ПСЖ, Нант и Алборг не знаат за трофеј во елитното натпреварување. Данците дури прв пат се на завршен турнир, а француските тимови имаат по едно загубено финале. Парижани загубија во 2017 година од Вардар во мечот за трофејот, додека Нант една година подоцна не успеаја да триумфираат против Монпејле. 

Барселона со деветте титули е далеку пред сите, но последен пат на кровот на Европа се искачи во сезоната 2014/2015 и тоа заедно со Кирил Лазаров, кој денес ќе игра за Нант. Во одложениот Ф4 турнир лани каталонската екипа не успеа да го победи Кил, но сега се во одлична форма, силно мотивирани и со право очекуваат десетто златно одличје. 

Иако се најискусни и први фаворити, ракометарите на Барселона мора да бидат внимателни, бидејќи и во 2019 беа во слична позиција, ама испуштија седум разлика со Вардар кој подоцна го крена трофејот.