Сагосен претставен во Кил: Ова е најсилниот ростер, сакам пет-шест трофеи во првата сезона

Сандер Сагосен го одработи првиот ден како ракометар на Кил. Норвешкиот репрезентативец пристигна во Германија, ги мина лекарските прегледи и првпат зборуваше за медиумите откако потпиша за „зебрите“ од северна Германија.

Новиот лидер на играта на првакот на Германија беше нескромен во желбите за првата сезона. 

„Сите луѓе од Кил ме дочекаа со раширени раце. Големите очекувања се составен дел од секојдневието на клубот. Верувам во моите квалитети и во квалитетите на Кил. Можеби овој ростер е најдобриот во светот. Сакам да освојам пет или шест трофеи уште во првата сезона“, рече Сагосен.

Средниот бек ги освои сите трофеи со ПСЖ, освен Лигата на шампионите, а со норвешката репрезентација има сребро од Светско првенство и сребро и бронза од Европски шампионат.