Сагосен: Мора да бидеме строги и да научиме многу од оваа шлаканица на СП

Сагосен

Сандер Сагосен беше прво име во норвешката репрезентација на Светското првенство во Египет. Турнирот не донесе посакуван успех за скандинавската репрезентација, која застана во четвртфиналето, каде загуби од Шпанија.

Првата ѕвезда на тимот изрази разочарување од настапот на неговата селекција, па бара строго и детално да се направи евалуација на одиграното, од што ќе се извлече поука во иднина.

„Не бевме на посакуваното ниво во и надвор од теренот, па мора да бидеме строги при оценката за одиграното на Светското првенство. Заминавме таму со надеж дека ќе се вратиме со медал, а потоа доживеавме шокантна елиминација. Тоа беше големо разочарување, ми беше навистина тешко да го гледам неделното финале.

Мислам дека проблемот е тоа што се плашевме дека нема да бидеме успешни. А, тоа е најголемата замка во која можете да паднете. За многумина првпат беше да играат со голем притисок. Решението не е да нема притисок. Тој ќе биде тука секогаш, се натпреваруваме со најдобрите на светот. Кога ќе добиете шлаканица, продолжувате понатаму и учите од тоа“, вели Сагосен.

Норвешка се пласира на шестата позиција, зад Данска, Шведска, Шпанија, Франција и Унгарија. Сагосен го заврши собирот како втор најдобар стрелец со 54 погодоци зад своето име.