Сабате: Двомечот беше израмнет, честитки за Македонија, Столе, Кире, Жути...

Хавиер Сабате не ја почна ерата во Чешка според планот. Новиот селектор на репрезентацијата загуби во двомечот со Македонија, во баражот за СП 2023.

По мечот во Скопје и поразот од два гола разлика (27-25), Сабате им честита на македонските ракометари за успехот, а како причина за поразот гледа во добриот голман на Македонија и промашените зицери.

„Честитки за македонската репрезентација за победата и пласманот на Светското првенство. Имавме наши шанси во вториот дел, каде нашата идеја беше да останеме со опции во последните 10-15 минути. Имавме четири напади по ред да се вратиме во натпреварот. Промашивме многу чисти шанси, домашниот голман беше навистина добар. Скоро да добивме можност во последната минута, но домаќинот го реализира седмерецот и се радува. Спортот е таков и мора да се осврнеме на иднината. Двомечот беше израмнет, мислам дека двете селекции се со приближен квалитет. Беше прекрасно да се игра во оваа атмосфера, големи честитки за Столе, Лазаров и Миркуловски за нивните кариери и за тоа што го направија за ракометниот спорт“, изјави Сабате.

Во име на чешкиот национален тим говореше и одличниот голман Томаш Мрква.

„Честитки за македонската репрезентација за пласманот на Светско првенство. Сепак, горд сум и на мојот тим, бевме блиску, одигравме одличен натпревар, силно се боревме, но тоа не беше доволно за пласман на Мундијалот“, изјави Мрква.

За Светското првенство (СП) постојат „вајлд-карти“, но тешко е да се верува дека Чешка ќе добие една од нив. Како главен фаворит се наметнува репрезентацијата на Словенија.