Русинките го уништија црногорскиот сон и закажаа олимписко полуфинале со Норвешка

Двата последни олимписки шампиони во женски ракомет, Русија и Норвешка ќе играат во првото полуфинале во Токио. Фаворизираната Норвешка потешко од предвиденото ја совлада Унгарија со 26-22 (12-10). Унгарките се закануваа, им дадоа многу силен отпор на фаворитките од Скандинавија, но немаа сили за подвиг. 

Кари Братсет Дале со седум погодоци отскокна од норвешкиот колектив, а Шандра Сачик постигна пет гола кај Унгарките.

Русија рутински ја совлада Црна Гора 32-26, потврдувајќи дека ја темпира формата и таа од натпревари во натпревар изгледа се подобро и подобро. Ана Виахирева со осум и Полина Кузњецова со пет гола беа најефикасни во победничкиот табор, а Јованка Радичевиќ и Џурџина Јауковиќ со десет, односно осум гола беа најдобри кај девојките на Бојана Поповиќ.

Второто полуфинале ќе произлезе од долниот дел на костурот, бидејќи во текот на денот се играат четвртфиналните натпревари: Шведска - Република Кореа и Франција - Холандија.