Русија го доби трилерот, Франција „виси“ за пласман во четвртфиналето

Во еден од најубавите и највозбудливи натпревари на женскиот ракометен турнир на Олимписките игри во Токио, Русија ја совлада Франција со 28-27 (15-17) и го доведе во прашање настапот на француските ракометарки во нокаут фазата. Овој пораз за девојките на Крумбулц се надоврзува на ремито со Шведска и поразот од Шпанија, па одлучувачки ќе биде натпреварот против Бразил.

Руската селекција одлично отвори и поведе до 8-5, па уште на двапати имаше +3 во првиот дел. Сепак, Пино и соиграчите се вратија и до одморот израмнија во 24. минута. Следеше супер-финиш на Нзе Минко и +2 за Франција на одмор. 

Второто полувреме донесе драма, игра гол за гол и отворени „карти“ до крајот на натпреварот. Седојкина го запре шутот на Пино во последната минута, па Русија ја сочува предноста до финална победа од 28-27.

Илина со девет гола беше најдобра руска ракометарка, а исто толку голови кај Франција постигна Алисон Пино.

Русија со пет бода по четири кола е скоро сигурно меѓу најдобрите четири селекции во Б групата, а Франција има само три бода и не смее да си дозволи в понеделник да не го победи Бразил, бидејќи тоа ќе значи пребрза елиминација.