Рубљев кон Федерер: Ти си легенда, друго ниво, друга димензија!

Седумкратниот шампион на Синсинати, Роџер Федерер, како голем фаворит влезе во синоќешниот дуел со Андреј Рубљев, но по подолго време заработи рана елиминација на овој Мастерс. 

Рускиот тенисер извојува херојска победа од 6-3, 6-4 и тоа за само еден час игра, а по големиот триумф испрати низа на пофални зборови за далеку поискусниот и потрофеен тенисер.

„Тука нема дилеми, ова беше мојата најголема и најемотивна победа во кариерата. Долги години игра под притисок дека мора да ги победи сите натпревари, а тој тоа го прави. Неверојатен е. Сега имав шанса да го видам тоа со мои очи, тука пред мене, а не пред малите екрани и трибините. Федерер е вистинска легенда. Се насмевна и ми рече да не се грижам. Тоа е друга димензија, друго ниво, тој е неверојатен“, рече Рубљев.

За разлика од Федерер, синоќа Новак Ѓоковиќ без многу проблеми го совлада Карено-Буста и обезбеди четвртфинале на овој Мастерс.