• Иван Димовски

Ракометарките на Ростов се радуваа на триумф од 24-25, на тешкото гостување кај Есбјерг во Данска, во дуелот од женската Лига на шампионки. Домаќинот долго парираше и се играше изедначено, ама искуството на Русинките исплива на површина на крајот.
Првото полувреме целосно им припадна на девојките од Ростов, бидејќи иако минимално, константно водеа, па на пауза заминаа со 12-13. Есбјерг подобро го отвори продолжението и поведе на стартот, ама немаше сили да го задржи водството. Така, со неколку мини серии Ростов го реши дуелот и слави победа во Данска.
Најпрецизни со по шест погодоци на своето конто беа Манагарова од Ростов и Бреистол од Есбјерг.
Во истиот пладневен термин се одигра и дуелот меѓу „фенерџијата“ во групата А, Битигем и Ференцварош, каде Унгарките со одличен прв дел лесно се справија со противникот и победија со 25-29. Фуриозен почеток на Ференцварош им донесе огромна предност и поведоа со 2-10, а предноста порасна и на двоцифрена бројка, па полувремето заврши убедливо (6-15). Иако ракометарките на германскиот тим намалија дел од негативата, не успеаја да го загрозат триумфот на Ференцварош во вториот дел.
Најдобра ракометарка на мечот беше Клујбер од победничкиот табор со осум погодоци, додека кај Биетигем по шест имаа Маидхоф и Смитс.