• Мартин Танасковски
Ракометната репрезентација на Македонија со втор пораз ги заврши настапите во баражот за СП 2021. Нашиот национален тим на домашен терен загуби од Романија (20-35) во меч во кој противникот во целост доминираше и заслужено дојде до победа.
Многуте грешки во клучните моменти, како и загубените топки, придонесоа Македонија да доживее убедлив пораз. Девојките како да се предадоа предвреме, уште по едно полувреме игра, па Романија лесно си ја заврши работата иако во Скопје играше во комбиниран и подмладен состав.
Македонија добро го отвори натпреварот, поведе со 3-1, но тоа беше се што нашиот национален тим успеа да направи. Сара Ристовска беше добро затворена од противничката одбрана, нападот без неа никако не функционираше, па Романија во 20. минута го сврте мечот во своја полза и тоа убедливо, со предност од 6-12, иако во поголемиот дел од мечот, најдобрата ракометарка Кристина Неагу доби поштеда и одмор.
Предноста од осум гола остана и до полувремето (10-18), а вреди да се напомене дека во финишот на првиот дел селекторот на Романките им даде шанса на шест од седум ракометарки помлади од 24 години. Во второто полувреме Романија од 14-21, се одлепи двоцифрено (14-24) и ниту еднаш не ја испушти таа позитива.
Најдобра кај Романките беше Моиса со осум гола, пред Југану, Пинтеа и Базалиу со по четири, додека кај Македонија, Ѓорѓиевска даде шест гола, пред Ливриниќ со четири реализации.
За Македонија ова е трет неуспех по ред во мундијалските баражи. Претходно, нашиот национален тим беше елиминиран од Словенија и Шведска.