Ројевиќ: Вардар заслужено ја освои титулата, клучот за победата беше договорот на полувреме!

Екипата на Охрид испиша историја и ја забележа првата победа над шампионот Вардар од 26-24, а по натпреварот своето задоволство не го криеше тренерот Борис Ројевиќ.

Српскиот стратег најпрво му честиташе на Вардар за освоената титула, но и на своите ракометари за големата борба и карактер што го покажаа на теренот.

„Прво сакам да му честитам на Вардар за заслужената титула. Исто така сакам да им честитам и на моите момци, кои во второто полувреме дадоа повеќе од максимум. Ова е нивна победа“, изјави Ројевиќ.

Тој истакна дека клучот за триумфот бил договорот на полувремето, кога тимот решил да го подигне нивото на игра.

„Во првото полувреме ја немавме таа потребна енергија. На паузата се договоривме дека не можеме да играме на сто отсто, туку мора на двесте отсто и уште еднаш покажавме дека пред овие навивачи можеме да се носиме против секого. Сите сме среќни за првата победа над шампионот Вардар во нашата историја“, порача Ројевиќ.

Во следното коло кое на програмата е на 20 мај, Охрид на свој терен ќе го пречека сега веќе поранешниот шампион Еурофарм Пелистер.