• Горан Упале
Два турнири, два трофеи - Борис Ројевиќ не можеше да посака подобар старт на својата ера во ГРК Охрид. По триумфот на Струшкиот турнир, неговите избраници славеа и на „домашниот“ турнир „Крсте Андоновски“, откако во финалната пресметка славеа над македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.
И покрај новиот успех, српскиот стратег остана скромен, посочи дека треба да се остане цврсто на земја и полека да се гради овој тим.
„Ова е многу добро за нас, ја подигнавме самодовербата на тимот. Зад нас оставивме екипи како Еурофарм Пелистер, Вардар 1961, Нексе, Партизан, Тримо Требње... Одигравме фантастично овој турнир. Но, јас пак ќе се вратам на она што го кажувавме пред да почнат подготовките. Ова е само почеток на еден тригодишен циклус. Ќе ни треба уште многу, многу работа. За почеток ова е навистина фантастично. Одушевен сум од момците како работат, како тренираат и како одиграа.
Наша прва цел во новата сезона е овие екипи да ги победуваме на домашен терен, а сè повеќе од тоа ќе биде фантастично. Нашиот договор е да градиме екипа во следните три години и тогаш да се нападне трофејот. Но, доколку ни се укаже прилика нешто порано, сигурно ќе дадеме максимум да ја искористиме. Алкалоид пет години ја создаваше оваа екипа, а ние сме заедно само три седмици. Но, сега треба да останеме цврсто на земја“, рече српскиот тренер.
ГРК Охрид во новата сезона ќе претставува вистинска закана за Еурофарм Пелистер, Вардар 1961 и Алкалоид, што секако ќе донесе уште повозбудливо и поквалитетно првенство.



