• Иван Димовски
Ракометниот клуб Охрид ќе се натпреварува во Европскиот куп на ЕХФ, а таму почнува во второто коло со двомеч против Баки. По договор на екипите двата натпревари ќе се одиграат во салата „Билјанини извори“.
На ден пред првата средба на прес-конференција своите очекувања ги сподели тренерот Борис Ројевиќ.
„Би ги повикал сите навивачи кои би дошле да нè поддржат во овој двомеч. Овие момци заслужија поддршка со прикажаното во досегашната заедничка работа. Имаме високи амбиции во ЕХФ Купот и едвај чекаме да почнеме в сабота. Баки е можеби непознаница, ама имаме некој материјал и успеавме да се подготвиме за средбата. Момците со сигурност сите ќе бидат на високо ниво и ќе бидат мотивирани за уште во првиот дел да го решиме прашањето за победникот.
Мислам дека сме квалитетен тим. Подобро работиме и велам дека секогаш одбраната носи резултати. Со добра и пожртвувана одбрана можеме да добиеме многу. Треба уште некое време за она што го работиме да „легне“, не оди ништо брзо, но од натпревар во натпревар се гледа подобрување. Се надевам дека одбраната ќе нè краси и ќе нè одведе далеку во ова натпреварување. Сакам од навивачите само да веруваат во нас, а ние ќе возвратиме со многу работа и ќе го израдуваме Охрид“, изјави Ројевиќ.
Првиот натпревар се игра в сабота од 18:00 часот, додека реваншот е 24 часа подоцна на истото место.




