• Саше Љолес

Тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ, ги изнесе своите очекувања за новата сезона, а во разговор со порталот „Балкан хендбол“ се осврна и на целокупниот престој во македонскиот суперлигаш.
Охриѓани имаат историска сезона зад себе, успеаја да триумфираат во Еврокупот на ЕХФ, а Ројевиќ изрази задоволство и од успешниот настап на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“.
„Турнирот во Охрид беше за 20-30 проценти поквалитетен од лани. Одигравме одлично и се претставивме во добро светло. Дојдоа многу познати лица со кои беше задоволство да се сретнеме. Дел од нив првпат беа во Охрид и останаа одушевени од градот.
Концептот е интересен, турнирот е непредвидлив. Може денес да победите, а утре убедливо да загубите. Целиот град живее за турнирот. Само за споредба, лани на првиот меч имаше 50-100 луѓе, а годинава над 500“, изјави Ројевиќ.
На прашање за квалитетот на македонската Суперлига, Ројевиќ изнесе прилично објективен коментар.
„Кога ги анализирам најголемите ривали, сфаќам дека нивните тимови се уште посилни од лани. Тука мислам секако на Вардар, Пелистер, Алкалоид и останатите. Лигата е подобра и подобра со секоја измината сезона, Македонија навистина има со што да се пофали, а мене ми претставува вистинско уживање да работам тука.
За нашиот ростер ќе можам да кажам повеќе за околу еден месец. Не го заокруживме составот како што посакувавме, сакавме да задржиме неколку играчи, но тоа е спортот. Некои сакаа да заминат, а на некои им завршија договорите“, рече Ројевиќ.
Оваа сезона охриѓани учествуваат и во Регионалната лига, за која Ројевиќ смета дека само ќе го подобри квалитетот на екипите и ќе донесе голема возбуда за публиката.
„Нема да ми пречи развојот на оваа лига, напротив, мислам дека ќе биде добро ако уште повеќе се прошири. Ме плаши единствено распоредот и настапите во другите европски натпреварувања.
Да не заборавиме дека не играме само во Европа, мора да мислиме и на домашните мечеви. Ако се приклучат најдобрите клубови од бивша Југославија, мислам дека оваа лига ќе биде втора најсилна во Европа, веднаш зад германската“, заклучи Ројевиќ.
ГРК Охрид ги започна настапите во Регионалната лига со две победи, а во следното коло ќе се соочи со тимот на Панчево.





