Ројевиќ: На реваншот видов подобар Охрид од првата средба

Македонскиот суперлигаш ГРК Охрид имаше успешен втор меч со Слога Добој и ја потврди разликата во класи со висока победа од 42-18 и во реваншот кој се одигра во Добој, Босна и Херцеговина.

Тимот на Ројевиќ имаше целосна контрола на мечот, а играше и без никаков притисок затоа што првиот дуел пред домашната публика го доби со 18 гола разлика. 

„Сакам да се заблагодарам на тимот кој и покрај тешкиот пат затоа што игравме далеку, одигра феноменален меч. Иако имавме висока разлика од првиот дуел, во ниту еден момент не го потценивме противникот и можеби одигравме и подобар дуел од првиот на домашен терен“, изјави Ројевиќ.

ГРК Охрид на ждрепка која ќе ја изврши ЕХФ ќе го добие противникот во осминафиналето на ЕХФ Купот чиј актуелен освојувач е Алкалоид.