• Зоран Мишевски
Ракометарите на Охрид, со синоќешната победа против Олимпијакос со 25-24, го потврдија пласманот меѓу најдобрите четири екипи во Европскиот Куп на ЕХФ.
Во одлична атмосфера во СЦ „Билјанини извори“, домаќините ја одбранија предноста од пет голови од првиот меч во Грција и ги израдуваа фановите со историски пласман во полуфиналето на едно европско натпреварување.
Пресреќниот тренер Борис Ројевиќ по натпреварот не ги криеше силните емоции.
„Знаевме дека нè очекува тежок натпревар. Ако отидевме комплетни во четвртокот да играме против Вардар 1961, сигурен сум дека немаше да се пласираме во следната рунда. Момците се веќе на крајот на силите, нè стигнаа повреди, имаме мал ростер и добро е што на крајот го смиривме натпреварот.
Не е исто да прославувате пласман во следната рунда со победа и со пораз“, рече Србинот.
Словенечкиот гигант Целје е следниот противник на охриѓани во полуфиналето на Европскиот Куп на ЕХФ.


