• Горан Упале

Вардар 1961 успеа да слави во дерби пресметката против ГРК Охрид и да ги обезбеди важните бодови во домашното ракометно првенство. Натпреварите меѓу овие две екипи секогаш носат голема неизвесност и цврста одбрана, но скопјани успеаја да го диктираат темпото во клучните моменти од средбата.
По поразот од 27-18 тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, мирно го анализираше неуспехот и убедливиот пораз.
„Одигравме многу лош натпревар, а кај Вардар 1961 се гледаше таа желба да победи со што поголема разлика. Одигравме како во грч, некои играчи првпат играат пред ваква атмосфера и на вака важен натпревар против Вардар, па можеби и тоа имаше влијание. Но, во целина бевме загубени, не личевме на себе и сè што договоривме падна во вода. Дополнителен проблем беше повредата на Томи Јагуриновски уште во десеттата минута, кој беше одличен на стартот.
Лани имавме исто вака имавме лош ден и против Еурофарм Пелистер во Битола. Потполно ист натпревар, исто сценарио. Но, се подигнавме и потоа го освоивме ЕХФ Европскиот Куп. Вакви натпревари може да му се случат секому. Видовме како одигра Еурофарм Пелистер против Логроњо Ла Риоха пред неколку дена. Но, наше е да продолжиме да работиме и што подобро да се подготвиме за саботниот дуел со Алкалоид“, рече српскиот тренер на клупата на Охрид.
Охрид ремизираше во првото дерби со Еурофарм Пелистер на домашен терен, а сега убедливо е поразен во првиот директен дуел на гостински терен.







