Рогановиќ: Лесно е да се работи вака, сè што ќе нацртам – се спроведува!

Зоран Рогановиќ и неговата Црна Гора продолжуваат да импресионираат на Европското првенство (ЕП) во ракомет. По победите над Македонија и Словенија вредни втора фаза, на отворањето падна и фаворитот Хрватска (32-26).

По мечот, тренерот имаше пофалба за својот тим. Вели дека е лесно да се работи со вакви момци кои спроведуваат сè што ќе им се нацрта на таблата за време на тренинзите и на тајм-аутот.

„Ќе го повторам она кое го кажав претходно. Лесно е да се работи со овие момци - сè што ќе им нацртам на таблата, се спроведува. Ќе останеме скромни и цврсто на земја, на тоа работиме цело време. Сега сите околу нас се свесни дека нашиот потенцијал е голем“, изјави селекторот на Црна Гора.

Црногорците во следното коло играат дуел кој е од голема важност. Со два бода на контото ја пречекуваат Холандија, која исто така изненади на ова првенство и за првпат во историјата ја мина првата фаза.