ФОТО: РК Вардар со специјално лого го слави јубилејниот 65. роденден!

Ракометниот клуб Вардар 1961 слави голем јубилеј - 65 години од неговото постоење. Во чест на роденденот, управата на „црвено-црните“ реши да претстави ново официјално лого кое симболично ја отсликува историјата и славното минато на големиот Вардар, и до крајот на јубилејната сезона ќе ги краси дресовите на двократниот европски шампион. 

Од клубот објавуваат дека логото претставува омаж за сите ракометни легенди, спортски работници и навивачи, кои шест и пол децении заедно ја создаваа црвено-црната приказна, која со истиот став, стремеж и емоција продолжува да живее и понатаму!

Во таа насока, клубот ги поканува сите навивачи на дерби натпреварот против Алкалоид, кој ќе се одигра во недела во ракометниот храм „Јане Сандански“ со почеток во 18:30 часот.  Продажбата на билети се врши онлајн како и на билетарницата пред салата.