РК Вардар до судиите: Ќе ви овозможиме да имате полесна задача

Ракометниот клуб Вардар 1961 се огласи со соопштение пред дербито со Еурофарм Пелистер во Скопје кое е прво од двата домашни меча во во борбата за титула во Суперлигата.

Од таборот на актуелниот првак порачаа дека сакаат фер и коректен натпревар од сите актери, а воедно испратија и поддршка до судиите Митревски и Тодоровски, кои, според црвено-црните се доста квалитетни и ќе им се овозможи да имаат што е можно полесна задача.

  • Соопштението на РК Вардар во целост:

„Пред неделното ракометно дерби со Еурофарм Пелистер, кое е најголемото ракометно ривалство во Македонија, и по делегирањето на официјалните лица на натпреварот ракометниот клуб Вардар сака да даде поддршка на спортскиот аспект на натпреварот.

Вардар верува дека целиот меч ќе мине во крајно коректна и спортска атмосфера, и официјалните лица делегирани за овој меч ќе бидат на висината на својата задача, исто како и сите други учесници на мечот.

Македонија секогаш имала квалитетни судии, а меѓу нив се двојката Митревски - Тодоровски кои ќе бидат дел од нашиот ракометен дуел. Со своето знаење, искуство и интегритет многупати досега покажале дека се зрели за вакви натпревари. Ние ќе се обидеме да им овозможиме да имаат што е можно полесна задача.

На дерби средбите на кои играл Вардар секогаш правдата ја делеле најдобрите, најчесто Николов - Начевски, моментно најдобриот светски судиски пар. За нас никогаш не било важно кој ја дели правдата, и кој е делегат, и затоа сакаме да им дадеме целосна поддршка на официјалните лица и да им посакаме успешен натпревар, каде треба да победи моментно подобрата екипа.

Ќе се бориме за секоја топка и на секој сантиметар од теренот. Треба да победи спортот и ракометот. Од навивачите на двата тима очекуваме подеднакво спортско однесување на трибините, и заеднички да се направи вистинска ракометна фешта. Ве очекуваме во недела во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје“.

Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра во недела од 18:00 часот.