Ристовски: Мундијалот треба да биде „плус“ за македонскиот ракомет!

Борко Ристовски пристигна во Македонија и веднаш се стави на располагање на подготовките на најдобрата селекција за настапот на Мундијалот кој во јануари ќе се игра во Германија и Данска.

Чуварот на мрежата на Бенфика вели дека нашиот национален тим го очекува едно Светско првенство на кое очекува шанса да добијат младите. Вели дека амбициите и очекувањата не се на највисоко ниво, а на младите им порачува дека ова е нивната шанса да блеснат на големата сцена и да покажат што знаат.

„Мислам дека овој пат имаме доста подмладена репрезентација. Не може да кажеме конкретни очекувања на резултатски план, но може да се каже дека е важно младите кои се повикани да добијат вистинска шанса и да се покажат најдобро што можат. Но, и ние да се спремиме најдобро за ова СП, затоа што сме во поинаква ситуација во однос на претходно и ќе биде малку поинаку. Амбициите и очекувањата не се на највисоко ниво затоа што имаме млади играчи, меѓутоа се кога ќе се собере, овој Мундијал треба да биде плус за македонскиот ракомет, затоа што младите ќе имаат шанса да играат на еден голем настан. Ќе мора да се спремиме добро чекор по чекор, да бидеме добри тактички, како во напад и така и во одбрана и да покажеме дека Македонија има ракометна надеж и дека оваа генерација ќе има достојни наследници“, изјави Ристовски за Gol.mk.

Прв предизвик за Македонија ќе биде селекцијата на Јапонија, која е енигма за нас. Борко вели дека мора да се биде претпазлив, затоа што и македонската селекција самата на себе е енигма, затоа што има нови играчи, повеќето млади ракометари.

„Јапонија за нас е непознаница, но и ние самите себе ќе си бидеме непознаница. Нема да имаме комплетна слка како ќе изгледаме, затоа што ќе имаме само два теста. Првиот меч е доста опасен, затоа што не го познаваме противникот, но и условно кажано, не се познаваме и себеси. Мора да бидеме претпазливи, но со победа над Јапонија ќе биде доста полесно на наредните средби“, заврши чуварот на мрежата.

Македонија го отвора Мундијалот со мечот против Јапонија на 11 јануари. Претходно, ќе се играат две пријателски средби против Србија, закажани во Скопје.

СП, Група Б
ОН П Н И Гол. ГР Форма Бод.
1 ХрватскаХрватска 5 5 0 0 152:115 37 10
2 ШпанијаШпанија 5 4 0 1 142:114 28 8
3 ИсландИсланд 5 3 0 2 137:124 13 6
4 МакедонијаМакедонија 5 2 0 3 131:139 -8 4
5 БахреинБахреин 1 5 1 0 4 107:151 -44 2
6 ЈапонијаЈапонија 1 5 0 0 5 121:147 -26 0