Ристовски: Искуството го направи своето, Вардар заслужено победи!

Ракометарите на Вардар пак покажаа карактер и го надиграа големиот ривал Еурофарм Пелистер (26-24), со што го обезбедија трофејот во Купот на Македонија.

По победата над битолчани, свое мислење а дуелот изнесе искусниот голман на „црвено-црните“, Борко Ристовски. Чуварот на мрежата освен за денешниот дуел, се осврна и за наредниот на овие два тима во Суперлигата. 

„Искуството си го направи своето и заедно со индивидуалниот квалитет на Вардар го добивме овој натпревар. Заслужена победа, натпреварот беше под контрола. Ние одиме чекор по чекор, ова беше еден натпревар кој го имавме зацртано да го добиеме.

Останува да се одмориме добро, да одиме во Битола и да пробаме да го добиеме и тој натпревар. Нам сите натпревари ни се важни, но ќе се обидеме да ја завршиме на гости приказната за шампионот на Македонија и во четврток да го затвориме прашањето“, смета Ристовски. 

Токму пресметката во „Боро Чурлевски“ в четврток може да биде пресудна, бидејќи Вардар со победа ќе ја „стави едната рака“ на трофејот во македонското првенство, откако веќе го победи Еурофарм на домашен терен.