• Иван Димовски
Ракометарките на ЦСМ Букурешт забележаа убедлива победа на гостувањето кај сонародничките Рапид (24-34) во рамките на осминафиналето во Лигата на шампионите.
Македонската репрезентативка Сара Ристовска имаше скромен ефект и два постигнати гола од четири обиди во романското дерби. Македонката и тимските колешки немаа сили за подвиг против фаворитот кој со една нога веќе е во четвртфиналето на елитното европско натпреварување.
ЦСМ уште во првиот дел направи осетна предност, водеше со 11-19 и го најави високиот триумф. Во продолжението овој тим само рутински си ја доврши започнатата задача.
Неверојатната Кристина Неагу беше најдобар стрелец на мечот со девет гола, а до победата ѝ помогна Омореги со седум. Во таборот на Рапид најефикасна беше Полман со шест реализации.