Ристовска ја брани честа на Македонија, стартува Ф4 во ЛШ кај дамите

Македонската репрезентативка, Сара Ристовска е единствената ракометарка која ќе ја брани честа на мак-ракометот на завршниот турнир во Лигата на шампионите кај дамите. Крилото со ЦСКА Москва веќе имаше сезона за паметење, играа одлично и сосема заслужено се најдоа во „кремот“ на Европа. 

Првото полуфинале на турнирот во „Пап Ласло Арена“ во Будимпешта ќе биде меѓу најискусниот Ѓер и Брест Бретањ. Екипата која трипати во низа се искачува на тронот на Европа, а две финалиња од тие беа против „ѕвездениот“ ЖРК Вардар, повторно важи за главен фаворит за златото. Сепак, оваа сезона се покажа дека и Ѓер е ранлив, па Брест ќе се обиде да парира. Дуелот е закажан за попладнево во 15:15 часот. 

Подоцна, од 18:00 часот ЦСКА Москва ќе се пресмета со Кристиансанд. Според букмејкерите, норвешката екипа важи за фаворит, но според досега прикажаното во Лигата на шампионките, руските ракометарки со сигурност сакаат да играат за трофејот. Сара Ристовска и нејзините колешки на патот до полуфиналето ги исфрлија Љубљана и ЦСМ Букурешт, додека Кристиансанд беше подобар од Одензе и Ростов. 

Веднаш по полуфиналните мечеви, веќе утре ќе се одиграат натпреварот за третото место и финалето за трофејот во Лигата на шампионите.