Ристовска и Крим го освоија турнирот „Винко Кандија“

Тимот на Крим Меркатор, клуб во кој сезонава ќе игра македонската репрезентативка Сара Ристовска, го освои меморијалниот турнир „Винко Кандија“, откако ги доби трите натпревари против составите на Подравка, Будуќност и Локомотива Загреб.

Во првиот меч Крим беше подобар од Подравка со 33-28, а на овој дуел Ристовска беше втор стрелец со четири гола, додека најпрецизна беше уште една поранешна вардарка, Тамара Мавсар со пет погодоци. 

Во второто коло кримовки беа подобри од Локомотива со 24-21, а со истиот резултат беше совладана и подгоричка Будуќност. На дуелот против црногорскиот тим, Ристовска даде еден гол, а Крим без пораз стигна до трофејот.

Следниот викенд Крим ќе настапи на уште еден меморијален турнир „Јосип Самарџија“ во Копривница, на кој ќе играат домаќинот Подравка, Корона Брашов и Погон Шчечин.