Ристовска и ЦСКА Москва ќе играат за бронзата во ЛШ

Македонската репрезентативка Сара Ристовска и нејзината ЦСКА Москва не успеаја во подвиг на деби-настапот на завршницата во Лигата на шампионите. Рускиот првак загуби од Виперс Кристиансанд (33-30) и ќе игра за бронзата во елитата.

Норвешкиот тим одигра еден доминантен натпревар, во кој со ЦСКА се надигруваше само во воведните петнаесетина минути кога резултатот гласеше 9-10. Потоа се влезе во серија, се постигнаа пет гола во низа (14-10) и таа позитива ниту еднаш не беше загрозена до самиот финиш.

Рејштад беше најдобра кај победниците со десет гола, пред Мерк и Локе со по четири реализации, додека кај ЦСКА Москва, Ведекина имаше седум, а Скоробогатченко реализира пет пати. Сара Ристовска на овој дуел погоди само еднаш.

ЦСКА Москва за бронзата ќе игра против унгарски Ѓер, додека во финалето Виперс ќе се спротистави на Брест.