• Мартин Танасковски

Екипата на ЖРК Вардар се врати на меѓународната сцена и со две победи над косовска Приштина се пласира во следната фаза во Европскиот куп на ЕХФ. Првите две средби во еврокуповите по петгодишна апстиненција беа големо искуство за младиот тим, а играта ја радува и Драгана Ристова која со успех ги предводи вардаровите девојки.
Предводничката на „црвено-црните“ истакна дека ова меѓународно искуство било доста добро за младиот тим од македонската Суперлига и дека девојките имале можност да почуствуваат како е да се игра европски дуел.
„Со оглед на тоа што беше прво меѓународно искуство за нашиот тим, морам да признаам дека доста добро се носеа девојките. Имавме осцилации и на гости и дома, ротиравме доста, можеби сето тоа изгледаше конфузно на моменти поради падовите како на пример оној втор дел во Скопје на реваншот, генерално сум задоволна од она што го видов. Сепак, ова е прво меѓународно искуство за голем дел од девојките и мислам дека доста добро се снајдоа“, ни изјави Ристова.
Противник на „црвено-црните“ во шеснаестинафиналето ќе биде Јуро Унирек од Холандија. Девојките од Унирек во минатата рунда исто така имаа косовски ривал, елиминирајќи го тимот на Феризај со две убедливи победи.
„Не добивме премногу силна екипа на ждрепката, гледав некои инсерти од ривалот кога ги извлековме, но, сепак, ќе го оставиме тоа за понатаму затоа што потребна е подетална анализа. Се работи за една непозната екипа за нас. Постои мала страв од непознатото кај девојките, повеќе се плашам како ракометарките ќе реагираат, како ќе се спремат психички за дуелите и дали ќе имаат трема, затоа што сигурно кај нив влијае кога ќе чујат дека играат со екипа од Холандија која знаеме каде котира во женскиот ракомет. Не знам искрено како ќе биде, ние ќе се бориме и ќе играме. Задоволни сме што ги минавме Приштина, а се што е плус, ќе биде добредојдено“, додава Ристова.
ЖРК Вардар тргна добро и на домашната сцена каде има пет победи на пет меча и е единствената непоразена екипа во Б групата во рамки на Суперлигата.
„Дома одиме од меч во меч. Имаме добар концепт на игра, но, сепак, ние сме млад тим. Добивме пофалби за играта во последно време и за сето она кое го прикажавме, ама ќе оставиме времето да покаже дали ние ќе бидеме меѓу најдобрите во домашната сцена. Понатаму ни следи меч против Металург на гостински терен. Се надевам дека сите ќе бидат приземјени од резултатите, дека ќе одиграат максимално ангажирано и дека ќе растеме од натпревар во натпревар. Така и размислуваме сите“, смета првата дама на клупата на вардарки.
Некогашниот освојувач на „двојната круна“ во македонскиот ракомет по долго време мина коло во еврокуповите и Македонија ќе има тим кој ќе игра во втората рунда. Ристова искрено се надева дека овој чекор напред ќе донесе и поголем интерес за женскиот ракомет во Македонија.
„Женскиот ракомет како да стана малку заборавен од сите страни и се надевам дека еве овој прогрес на ЖРК Вардар во Европа ќе донесе некои позитивни сигнали кај сите нас од страна на сите оние кои му мислат добро на женскиот ракомет. Сето тоа што се случува во глобала, во последните десет години и со репрезентациите, се надевам дека овој чекор во Европа на Вардар ќе привлече внимание, затоа што заедно сите ги градиме и репрезентациите и нашата ракометна иднина. Овој спорт некогаш беше број еден во Македонија, сега е тешко, сите клубови се борат, нема спонзори и средства. А, без нив, доста тешко се функционира“, е ставот на Ристова.
По европскиот двомеч, ЖРК Вардар полека се комплетира и наскоро ќе се вратат двете ракометарки кои се повредени. Тоа се голманката Јована Трајкоска и кружниот напаѓач Ивана Џатевска.
„Јована почна комплетно да тренира, а Џатевска почна со доста полесни тренинзи затоа што има проблеми со рамото и со кичмата. Имаме уште еден натпревар против Струга, потоа следи пауза за нас и се надевам дека ќе ги имаме во добра форма за следните натпревари кои доаѓаат“, заврши предводничката на ЖРК Вардар.
Новиот европски предизвик за вардарки ќе биде на 13 ноември во Скопје со почеток од 17:00 часот, додека реваншот ќе се игра седум дена подоцна во Холандија.