• Саше Љолес

Спортскиот директор на ГРК Охрид, Славчо Ристевски, во разговор со „Балкан хендбол“ ги изнесе своите очекувања за иднината и најави светли денови за клубот и ракометот во нашиот најубав туристички бисер.
Охрид сака да стане четврти претендент за највисок пласман во домашното првенство, а воедно и да го засилува тимот за предизивиците што следуваат.
„Целта оваа сезона беше излез во Европа и се надевам дека ќе ја оствариме. Имавме скоро добиени мечеви против Вардар и Еурофарм Пелистер, но на крајот загубивме. Се држевме 60 минути со најквалитетните екипи, а извојувавме и неколку лесни победи.
Овој проект уште ќе се развива, имаме јасна визија за следните три сезони и очекувам тимот дополнително да се засили. Се повреди моторот на тимот, Орјоникидзе, кому му посакувам брзо закрепнување, а ние ќе се бориме со сите расположливи сили.
Работевме подобро во трансфер периодите, сфативме дека играчите треба да се договорат во јануари или најдоцна февруари. Потоа изборот на пазарот е лимитиран и може да не го добиете тоа што го барате.
Создаваме услови кои ќе придонесат за развојот на Охрид, сакаме да имаме европски клуб. Сите сме фокусирани на успешна иднина, стручниот штаб и управата, како и градоначалникот и нашата општина“, вели Ристевски.
На четири кола до крајот на плеуј-офот Охрид се бори за место во ЕХФ Купот следната сезона.
