РИО 2016: Франција оди на хет-трик, Данска и Полска фаворити од сенка

Франција ракомет

По атлетиката и кошарката, ракометот можеби е третиот најочекуван турнир на Летните Олимписки Игри во Рио, поточно оној кој го играат мажите. Ракометот е вметнат во Олимписките Игри во 1936 година во Берлин, каде првото место им припадна на ракометарите на Германија, а бранител на златниот медал од ЛОИ во Лондон пред четири години е Франција, која во финалето ја совлада селекцијата на Шведска со 22-21. 

Натпреварите од олимпискиот турнир во Рио, кој е поделен во две групи од по шест селекции ќе се одиграат во привремената „Арена на иднината“ која се наоѓа во Олимпискиот парк и е со капацитет од 12.000 седишта.

Бранителот на титулата Франција, која во Лондон ја одбрани титулата освоена во Пекинг се наоѓа во групата А заедно со селекциите на Данска, Хрватска, Тунис, Катар и Аргентина, додека втората група Б ја сочинуваат репрезентациите на Полска, Словенија, Шведска, Бразил, Германија и Египет

Како најголем фаворит за освојувањето на златниот медал се издвојува селекцијата на Франција, но не треба да се изостават и репрезентациите на Данска, Полска, па и на Хрватска. 

Низ историјата сме следеле многу спектакуларни натпревари од ракометниот олимписки турнир, па да се надеваме дека така ќе биде и во Рио. Првиот меч ќе се одигра в недела со почеток од 14.30 часот меѓу селекциите на Хрватска и Катар. За потсетување, овој турнир е несудниот собир на македонските ракометари, кои на двапати стигнуваат до последниот квалификациски турнир, но не успеваат да го остварат сонот на секој Македонец. Затоа наши претставници во Бразил ќе бидат македонските ЕХФ судии, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.