Рибера: Барса е фаворит против Вардар, но не треба да се потцени срцето на шампион

Селекторот на шпанската репрезентација Жорди Рибера го најави завршниот турнир во Лигата на шампионите и рече дека Барселона ја има предноста во однос на останатите тројца учесници.

Меѓутоа, 56-годишниот стратег го предупреди шпанскиот првак да внимава на Вардар кој има искуство во овој дел од сезоната.

„Барселона направи голема работа со пласманот на завршниот турнир, каде сигурно важи за голем фаворит за трофејот. Ќе игра против Вардар, тим кој не треба да го потцени, бидејќи ракометарите покажаа срце на шампион и во тешки услови стигнаа до Ф4 турнирот.

На почетокот на сезоната сметав дека ПСЖ ќе биде првак на Европа, но сега кога не е меѓу најдобрите, предноста им ја давам на избраниците на Чави Пасквал. Но, може да се случат секакви пресврти на еден ваков турнир, со оглед на конкуренцијата, па очекувам голема борба и неизвесност во походот кон европскиот трон“, вели шпанскиот селектор.

Роберто Гарсија Парондо се надева дека неговиот тим ќе направи ново изненадување и дека вторпат во својата историја ќе се закити со престижниот трофеј.

Полуфиналето меѓу Барселона и Вардар се игра на 1 јуни со почеток од 18:00 часот.