РФМ со официјално писмо до ЕХФ, во обид за помош на Вардар 1961

Ракометната федерација на Македонија застана на страната на Вардар 1961 и преку генералниот секретар, Филип Милошевски, упати писмо до Европската ракометна федерација (ЕХФ). Милошевски му се обрати директно на првиот човек, Михаел Видерер, изнесувајќи констатации кои може да му помогнат на Вардар. 

Скопскиот клуб поради заостанати долгови од претходното раководство се соочува со исфрлање од евро-натпреварувањата, а тоа би бил сериозен удар. Поради тоа, од Ракометната федерација на Македонија (РФМ) решија да се обидат да помогнат на двократниот европски првак, директно обраќајќи се до Европската ракометна федерација (ЕХФ). 

  • Писмото на РФМ до ЕХФ ви го пренесуваме во целост:

„Македонската ракометна федерација ги цени сите обиди и инвестиции во ракометот на нашите клубови, особено во време на криза. Секогаш се стремиме да помогнеме на клубовите, за да ракометот опстане како спорт број еден во Македонија. 

По комунијацијата меѓу ЕХФ и Вардар 1961, за спогодбата на поранешните долгови, која е надвор од нашите ингеренции, ние, како ракометен авторитет би сакале да замолиме да се донесе позитивна одлука за активното учество на Вардар 1961 во натпреварувањата на ЕХФ за сезоната 2022/23.

Овој клуб е обновен ракометен бренд, не само во државата, туку и на Балканот. Вардар има голема база на фанови и активно придонесува во развојот на македонскиот ракомет. Не треба ниту да се спомене дека ја освои титулата во Лигата на шампионите во сезоните 2016/17 и 2018/19, а од таа гледна точка, придоби нови млади фанови низ светот. 

Сметаме дека одлуката за исфлање на Вардар 1961 од Лигата на шампионите, негативно ќе влијае на имиџот на ракометот, не само во Македонија, туку и на Балканот. Поради тоа, уште еднаш, би сакале да ве замолиме да го согледате горенаведеното, пред да ја донесете финалната одлука“, стои во писмото на Филип Милошевски до ЕХФ. 

Се очекува „битка“ на раководството на Вардар 1961 и ЕХФ, во која двете страни ќе ги изнесат своите факти и докази. Доколку ракометната куќа на Европа не се предомисли, вардарци ќе останат без настап во Лигата на шампионите, што ќе биде сериозен удар.