РФМ се прости од Јовиќ: Животот го посвети на ракометот, загубивме голем човек

Македонскиот ракомет остана без голем работник, затоа што ненадејно во текот на ноќта почина тренерот Александар Јовиќ. Јовиќ почина на 51-годишна возраст, а последно работеше како тренер на македонскиот суперлигаш Пролет. 

Сочувство до семејството за смртта на ракометниот работник испратија од Ракометната федерација на Македонија (РФМ), од каде истакнаа дека земјата загубила голем човек и спортски работник.

„Почина Александар Јовиќ - човек кој сиот свој работен и животен век го посвети на ракометот.

Ракометната и спортската јавност, изгубија вреден спортски работник, Ракометната Федерација на Македонија упатува искрено и длабоко сочуство до семејството на Јовиќ.

Со почит,
Ракометна Федерација на Македонија“

Низ тренерската кариера беше асистент на Лино Червар во Металург, а самостојно го водеше и Металург 2 и Еурофарм Пелистер со кого стана шампион на Македонија. Како играч, Јовиќ беше дел од Металург, Вардар, Пелистер, Преспа, Борец од Македонија, како и Болоња од Италија, Сплит од Хрватска, Апатин од Србија, и Слобода Тузла од БиХ.

Јовиќ беше и поранешен македонски репрезентативец како дел од генерацијата која го вивна македонскиот ракомет на европската и светската сцена.