РФМ на мака: Без Вардар и Пелистер, како до шампион на Македонија?

Ракометните шампионати низ Европа еден по еден се прекинуваат и се прогласуваат предвремени прваци според актуелниот пласман на табелата, но тоа е тешко изводливо барем кога се работи за Македонија.

Ако во фудбалот, кошарката, одбојката... имаме лидери, во ракометот ситуацијата е покомпликувана затоа што во првиот дел од сезоната не играат двата најквалитетни клубови Вардар и Еурофарм Пелистер, поради обврските во Лигата на шампионите и СЕХА-лигата.

До почетокот на плејофот кога влегуваат двата тима има уште едно коло, но патниците во наредната рунда се веќе познати. Најлесно за сите ќе биде ракометот да продолжи некаде по месец април, но гледајќи на актуелната состојба и ширењето на ковид-19 во Македонија, тоа е тешко изводливо.

Дополнителен проблем за екипите е и што речиси сите странски играчи се веќе во своите земји, а границите се затворени, плус, се нема редовни тренинзи. Управниот одбор на РФМ може да ја поништи сезоната, што делува најизгледно во моментов, но тогаш ќе се отвори дополнителен проблем затоа што Македонија треба да ги одреди патниците во еврокуповите.

Нашата земја ќе има едно место во новата Лига на шампиони, како и во Европската лига и ЕХФ Купот. Ракометот во Македонија е суспендиран на неодредено, а пикот на епидемијата се очекува да биде следниот месец.