РФМ ќе ги плаќа судиите и делегатите во Прва лига, сè додека не се поделат ваучерите

Раководството на Ракометнатvvvvvа федерација на Македонија денес донесе одлука со која ќе им излезе во пресрет на прволигашите кои сè уште ги чекаат своите ваучери од Агенцијата за млади и спорт.

Пред неколку седмици прволигашите имаа средба со првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов, на кој беше договорено да се одиграат првите три кола, а доколку клубовите не ги добијат ветените ваучерите, трошоците за судиите и делегатите да ги сноси самата федерација. 

„Судиските и делегатските такси за Првата машка ракометна лига со почеток од 12 и 13 октомври ќе бидат подмирени од страна на РФМ. Тоа ќе трае сè до денот на доделување на ваучерите од страна на АМС“, информираат од Ракометната федерација на Македонија. 

Ова значи дека сезоната во Првата ракометна лига ќе продолжи и овој викенд, затоа што клубовите ќе немаат трошоци околу организацијата на натпреварите. 

По којзнае кој пат Ракометната федерација на Македонија им излегува во пресрет на клубовите, се со цел натпреварувањето да расте, конкуренцијата да се зголемува и со тоа целата структура на овој спорт во нашата земја да има добробит.