РФМ го прифати барањето на Еурофарм Пелистер и Вардар: Осум странци и во следната сезона

Ракометната федерација на Македонија им излезе во пресрет на најдобрите колективи во Суперлигата. Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер испратија барање до федерацијата, бројот на странски ракометари да остане непроменет ниту во следната сезона, барање на кое наидоа на разбирање од страна на челните лица на федерација.

Така, наместо шест странци, како што беше претходно решено, и следната сезона екипите ќе може да регистрираат осум интернационалци на еден натпревар од Суперлигата.

„Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија донесе Одлука по пристигнато барање од РК Еурофарм Пелистер и РК Вардар 1961 за бројот на странски играчи да остане непроменет односно како и во тековната сезона 2021/22. Управниот одбор на Ракометната федерација на Макефонија постапи согласно член 35 од статутот поради итност на донесување на одлуки согласно член 3 точка 11 - одлука без присуство од Законот за здружение и фондации (Сл. весник бр. 52 од 16 април.2010 година) и го усвои предметното барање.

За натпреварувачката сезона 2022/23 при системот на натпревари бројот на странци ќе изнесува осум, од кои пет имаат обврска да се репрезентативци во своите национални селекции во било која категорија, а останатите три по произволен избор на клубовите од кои се ангажирани“, се вели во соопштението на федерацијата.

Викендов, почнувајќи од денес, македонската ракометна јавност ќе биде насочена кон Куп возбудувањата во Кавадарци, каде токму Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер се главните фаворити за трофејот.