РФМ ги пријави македонските адути во Лигата на шампионите

Полека се подготвува ракометната сезона 2020/21 во евро-куповите. Македонија со сигурност ќе има најмалку два претставници во Лигата на шампионите, а ако биде прифатено барањето на Еурофарм Пелистер за „вајлд-карта“, тогаш првпат по подолго време нашата земја ќе има три тима во елитното натпреварување.

Националните федерации денес мораа да пријават кои екипи ќе ја претставуваат Македонија во најелитното европско натпреварување, а Ракометната федерација на Македонија поднесе пријава за Вардар во машка и ЖРК Куманово во женска конкуренција и барање за покана за вицешампионот Еурофарм Пелистер. Европската куќа на ракометот ќе ја достави цела документација за учество до клубовите, а наскоро ќе одлучи дали битолчани ќе добијат „вајлд карта“ како и минатата сезона. 

ЖРК Куманово е пријавен во Лигата на шампионите, откако ЖРК Металург се откажа од учество во било кое од европските клупски натпреварувања. 

Ждрепката за новото издание на Лигата на шампионите во машка и женска конкуренција е закажана за први јули. Најдоцна до деветти јуни ќе бидат доставени пријавите за претставниците од нашата земја во останатите евро-купови.