• Сашо Поповски
Резултатот од првиот натпревар во Романија не носи голема самодоверба дека Македонија ќе направи чудо на домашен терен и ќе се пласира на Светското првенство.
Денес Симе Симовски ќе ја води женската репрезентација на второто соочување со големиот фаворит. Романките се на чекор од пласман на уште едно големо натпреварување, што за нив не е никакво изненадување.
Останува македонските ракометарки да ја одбранат честа против фаворитот на хартија. Домашниот терен ќе биде мотивација плус, да се обезбеди достојно простување од овој мундијалски квалификациски циклус.
Првиот меч донесе надигрување само во првата четвртина од мечот. Потоа Неагу и нејзините соиграчки покажаа разлика во класа. Македонија не успеа да се опорави од црниот период и на крај запиша болен пораз со двоцифрена разлика. Иако има уште 60 минути за играње, шансите за пресврт на нашиот национален тим се сведени на минумум.
Ниту меѓусебните дуели со романската репрезентација не носат убави вести за Симовски. Во сите три соочувања нашиот ривал славел со убедлива разлика, што дополнително ја отежнува работата пред денешниот натпревар во Скопје.
Реваншот во баражот за СП 2021 се игра денес со почеток од 17:00 часот.