Ремито против Бергишер може Вецлар да го чини европско место

Синоќа во „македонското“ дерби на Бундеслигата екипата на Вецлар на Филип Миркуловски, иако пред почетокот на мечот беше голем фаворит, не успеа да слави победа над аутсајдерот Бергишер, каде настапува Ацо Јоновски. Натпреварот во рамките на 30. коло на германскиот шампионат заврши 18-18 и Вецлар направи чекор назад кон излез во Европа. 

Бергишер уште од самиот старт заигра квалитетен ракомет и не му дозволи на Вецлар да одигра како што најдобро знае, па можеби нерешениот резултат беше најреален исход од овој натпревар. 

Стандардно, Јоновски, беше дел од одбранбената линија на Бергишер, додека Миркуловски од три обиди успеа да погоди двапати. 

Сега Вецлар ги намали своите шанси за излез во Европа, бидејќи на четири кола до крајот на Бундеслигата сите опции се и натаму во игра. Уште двајца Македонци, Дејан Манасков и Филип Талески се борат за важна цел во германскиот шампионат, бидејќи се на чекор до одбрана на титулата првак во најсилната лига на светот.