• Мартин Танасковски
Сензација во Каиро! Екипата на Веспрем по продолжение славеше над рекордерот Барселона (34-39) и така унгарскиот првак ќе игра за својата прва титула на Светското клупско првенство (СКП) во ракомет.
Дуелот кој го судеа македонските арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов беше крајно израмнет и се реши во самиот финиш. Европските гиганти Барселона и Веспрем беа константно близу, а разликата за победа се направи по продолжение. Унгарскиот првак водеше цело прво полувреме, на пауза замина со 13-15, а во вториот дуел ѝ ги направи првите проблеми на Барселона откако дојде до плус од четири гола (13-17).
Сепак, Барселона не би била Барселона ако се предаде, па се врати на еден гол негатива. Првото изедначување пристигна за 25-25, а потоа од 27-27, Гомез Абељо и Дика Мем врзаа два гола по две промашувања на Циндриќ и Фабрегас и така се замина на 29-27. Сепак, Јахја и Дескат го вратија Веспрем на 29-29 и следеше драма во последната минута која не даде победник, затоа што Барселона промаши два, а Веспрем еден напад - последниот, кога Косоротов ја погоди стативата.
Следеше екстра-време на мечот во Каиро, во кое подобро се снајде екипата на Веспрем. Причината за триумфот беа разиграните Ремили и Циндриќ кои беа лидери во таборот на унгарскиот првак. Најдобри стрелци кај Веспрем беа Ремили и Дескат, двајцата дадоа по девет гола, а Фабрегас и Циндриќ погодија по петпати, додека кај Барселона, Алеиш Гомез Абељо имаше десет, а Дика Мем девет погодока.
Веспрем во финалето на Светското клупско првенство ќе игра со Магдебург или Ал-Ахли.