„Рецептот за победата над Вардар? Максималната посветеност на сите – од домарот до претседателот!“

Екипата на Тиквеш го приреди првото изненадување во плеј-офот од Суперлигата. Кавадарчани пред својата публика го совладаа фаворизираниот Вардар и ги собраа симпатиите кај неутралните фанови на ракометот во Македонија.

Тренерот Раде Стојановиќ со тимот е неполни два месеци, но и за тој период успеа да го консолидира, да го насочи кон вистинската насока и одново да ги направи кавадарчани горди на својот ракометен колектив. 

„Со екипата сум неполни два месеци и направивме голема работа.  Победивме екипа која е двапати европски шампион, која е големо име не само во Македонија, туку и во Европа. Рецептот на овој успех е максимална посветеност со многу работа и труд од сите инволвирани во клубот од домарот до претседателот. Имавме одлични подготовки, добро тренираме и доколку продолжиме во ист ритам резултатите сами ќе дојдат“, изјави Стојановиќ.

Младиот стратег вели дека оваа победа нема ништо да значи, бидејќи плеј-офот е многу израмнет и долг. 

„Нормално е дека после оваа победа повеќе размислуваат дека сме во тие најдобри четири екипи. Јас не би се сложиш со тоа. Првенството е многу изедначено и долго, а нам ова треба да ни е само правец по кој треба да се движиме. Може да ветиле само борба за бодови на секој натпревар. Нови изненадувања секако дека може да има, особено во Кавадарци. Атмосферата беше прекрасна, секој би посакал ваква атмосфера. Јас и пред натпреварот најавив дека публиката и „Лозари“ се играч плус за нас. Едно големо благодарам за нив од цел тим на ГРК Тиквеш“, додаде Стојановиќ.

Тиквеш по три одиграни кола во плеј-офот има две победи и еден пораз, од Алкалоид на гости.