Реакции од Битола: Време е во спортот победникот да го решат играчите, а не судиите

По долгогодишната „монотона“ доминација на Вардар во Суперлигата, конечно оваа сезона гледаме вистинска ракометна битка на македонскиот паркет, кога во прашање е шампионскиот трофеј. 

Еурофарм Пелистер има јасни амбиции да го симне од тронот „црвено-црниот“ тим на Стевче Алушовски, но иако по неколку годишната „суша“ го победи во салата „Боро Чурлевски“ (29-25), тој успех најверојатно нема да биде доволен за враќање на шампионскиот трофеј во градот на ракометот. 

Благодарение на убедливиот триумф во Скопје, во нивната прва овосезонска пресметка во Суперлигата (35-27), Вардар е во пол-позиција пред Еурофарм Пелистер во трката за титулата и многу веројатно таа ќе остане во витрините на „Јане Сандански“. ,

По поразот во Битола од пред три кола, Вардар забележа три победи во низа, во кои освен на гостувањето кај „фенерџијата“ Струга, на останатите два меча пред себе имаше сериозни испити против Бутел и Пролет и прашањето на победникот беше решен во доцните минути од натпреварот.

Во последното одиграно коло, „црвено-црните“ славеа на гостувањето кај Пролет со 22-28, но овој дуел наиде на бројни критики од битолската ракометна јавност, која реагираше на одредени судиски одлуки.

„Во пол позиција сте да допливате први до брегот, ама допливајте чесно до крај... Ова е само една спорна одлука, а во никој случај не е спорна, бидејќи се гледа од авион дека е чист аут, поточно топката требаше да биде за Тинекс Пролет, а вакви спорни моменти имаше уште 5-6 и тоа баш кога резултатот се кршеше... Срамота‼️ Порака до сите судии, во сите спортови, со ваши одлуки, намерни грешки, сите кои вложуваат во спортот ги демотивирате, ги поттикнувате да се откажат, а ако ги снема нив и спортот ќе го снема.‼️ Време е во спортот победникот да го решат играчите на терен, а не судиите. Доста е“, гласи пораката од битолската ракометна јавност.

  • Моментот кој го оспоруваат битолчани:

До крајот на плеј-офот од Суперлигата преостанува уште едно коло, во кое Вардар ќе се судри со Металург, додека Еурофарм Пелистер ќе го пречека тимот на Охрид.