Разиграниот Металург со победа над Струга се загреа за Купот

Ракометарите на Металург врзаа нова серија на позитивни резултати и ги задржаа европските амбиции во последните пет кола од плеј-офот. Во дуелот од деветтото коло на разигрувањето, во Автокоманда падна Струга со 35-28 (17-13). Оваа победа на скопјани е своевиден реванш за ремито во второто коло крај Охридското езеро.

  • Комплетниот натпревар меѓу Металург и Струга: 

Момците на Иван Марковски почнаа одлично, брзо поведоа со 2-0, а потоа и со 5-3. Натпреварот одлично го отвори Дупјачанец со серија на одбрани во раната фаза. Полека се разиграа клучните ракометари, серија на голови постигна Хорват и на половина полувреме веќе беше 10-5. Иако свои блесоци имаа и стружани, сепак квалитетот на Металург дојде до израз. Струга се доближи до 11-9, но одигра слаб финиш на првиот дел и Калуѓеровиќ и Хорват донесоа 17-13 на полувреме. 

Екипата од Автокоманда одлично го отвори и второто полувреме и со серија 3-0 стигна до највисоки +6, прекршувајќи го натпреварот. Со само неколку минути во второто полувреме предноста беше доволно комотна за Металург без притисок да го доигра натпреварот и да слави со 35-28.

Поповиќ и Рниќ постигнаа по седум гола за Металург, а Ракоција со тринаесет гола беше најдобар стрелец кај Струга.

Со овие бодови Металург се израмни со Бутел Скопје, а заостанува само еден бод зад Пролет, но двата ривали попладнево треба да ги одиграат своите натпревари од деветтото коло, а за ривали ги имаат битолските клубови. Следниот викенд следи пауза во плеј-офот, а Металург ќе биде домаќин на завршниот турнир на Купот на Македонија.