Раул: Во Вардар менував играчи „од корен“, џабе ти е талент - ако не работиш!

Шпанскиот стратег Раул Гонзалез е тренерот кон кого се вперени очите на ракометна Европа. Со Вардар се искачи на тронот, па реши да замине во ПСЖ, каде од него се очекува да го направи супербогатиот тим европски шампион.

Во интервју за интернет-страницата на „ЕХФ, Гонзалез зборуваше за минатото, сегашноста и идните планови. Според одговорите, се уште е истиот скромен човек, кој беше додека престојуваше во Скопје како тренер на „црвено-црните“. Размислува од меч во меч, оди чекор по чекор, а нема проблем да го вокомпонира тимот во кој настапуваат бројни ѕвезди.

Во продолжение, прочитајте го интервјуто на Раул Гонзалез:

  • Како го минувате периодот во ПСЖ? Како тимот реагира на вашиот стил на тренинзи и игра?

„Затоа што сум нов тренер, имаме некои работи кои треба да ги тренираме и да ги воигруваме. Тимот засега игра онака како што јас сакам да игра. Дури и со такви ѕвезди, потребно е време и доста работа. Работите не доаѓаат така лесно.“

  • Откако пристигнавте, потенцирате дека потребно ви е време. Дали во клуб како ПСЖ е толку комплицирано и треба толку време?

„Да, тоа е вистина. Јас на стартот сакав да научам малку француски јазик за да можам да ја објаснам мојата филозофија на играчите. Дадов се од себе за да дојдам до тоа, не ми е лесно, но знам дека се ќе биде подобро. Проблемот е што јас сум нов во овој тим и тоа ги прави сите работи потешки. Но, ако работиме добро на тренинзите, се ќе биде во ред.“

  • Дали е притисокот различен да се тренираат ПСЖ и Вардар?

„Тотално. Ако направиме анализа на првенствата, тука може сите екипи да те победат ако не играш добро. Во Вардар, можевме да се фокусираме само на Лигата на шампионите. Исто така различна е и организацијата на клубовите.“

  • Дали освоената титула во ЛШ во 2017 година со Вардар е ваш најголем успех во кариерата?

„Еден од најголемите успеси, да. Поради многу причини. Работевме многу за да дојдеме до таа цел и се што вложивме во тренинзите конечно се исплатеше. Горд сум на тоа. Ова е ЛШ, има многу добри клубови и воопшто не е лесно да се освои таква титула во ракометот. “

  • Што научивте во Скопје за време на трите години во Вардар?

„Дека секогаш мора да го пробуваш она што го сакаш со тимот. Ракометарите беа научени на еден метод на работа, а јас кога дојдов мораше да се навикнат на друг и да менуваат се што им беше во нивните глави. Тоа е тешко за еден тим и за мене како тренер, затоа што морав да го адаптирам секого на ситуацијата. Ништо не можеш да смениш за само еден ден“

  • Работевте со Талант Душебаев. Колку тоа ви помогна во секојденвната работа?

„Мора да учите од секоја ситуација ако сакате да успеете. Среќен сум што имав шанса да учам од Талант седум години, многу напредував со него. Тој знае како да воигра еден тим многу добро. Но, научив многу нешта и во Скопје. Исто и во Франција, кога дојдов во ПСЖ. Тоа е животот, со секое искуство си побогат како човек.“

  • Дали оваа работа во Париз беше она за кое сонувавте додека бевте млад тренер?

„Секако, секогаш целите да работите со најдобрите и во најдобрите тимови. Тоа е мојата мотивација. Градот е убав, играчите се многу добри, што би можел да побарам повеќе? Среќен сум што сум тука“

  • Дали е полесно да се работи со „добрите играчи“, кои ги потенциравте?

„За мене е исто. Работев три години во Вардар, со ракометари со комплетно различен менталитет и карактеристики и успеав да направам тим кој достигна високи дострели. И тука работиме добро, се подобруваме секојдневно. Најважна за мене е работата, а не талентот. Можеш да бидеш талентиран, но ако не работиш - нема да стигнеш далеку.“

  • Што може да оцените како перфектна сезона за ПСЖ?

„Не знам и не сакам да размислувам на таа тема. Сакам да се фокусирам на тимот од ден во ден и ќе видиме што ќе ни донесе времето. Се надевам дека ќе имаме добри вести.“