Раул: Во добра ситуација сме, но не смее да се излажеме против Кристијанштад!

Македонскиот ракометен првак Вардар е во исчекување на последниот меч од Лигата на шампионите за 2017 година. Противник е екипата на Кристијанштад, а стратегот на „црвено-црните“, Раул Гонзалез и покрај фаворитската улога очекува тешка средба.

„Очекувам тежок натпревар зашто Кристијанштад имаат добри играчи. Знам дека сме во многу добра ситуација, зашто сме прво место во групата до феваруари. На гости против Кристијанштад одигравме многу добар натпревар, тоа се противници кои играат брзо, имаат добар контранапад. Против Пик Сегед одиграа многу добар натпревар, многу брза игра. Очекувам и тука в сабота да биде слично зашто имаат многу добри играчи, со искуство и играат брз контранапад. Утре имаме тренинзи. Не се знае сѐ уште дали ќе играат Хорхе Македа и Рожерио Мораеш", изјави Гонзалез.

Вардар е лидер во групата А и се наоѓа во добра позиција во борбата за првото место кое води директно во четвртфиналето. Мечот се игра в сабота од 17.30 часот.