• Мартин Танасковски

Македонскиот ракометен првак Вардар викендов ќе ја почне авантурата во новата сезона од Лигата на шампионите. Ждрепката посака црвено-црниот колектив да се најде во „полесната“ шампионска група, но Раул Гонзалез предупредува дека ова е елитно натпреварување и дека секој може да победи секого. Шпанецот дури и вели дека луѓето кои го сметаат Вардар за прв фаворит во групата, го потценуваат актуелниот европски првак Кјелце.
„Оној што кажува така, значи нема почит кон сите екипи. Сега има многу екипи со шанси да бидат победници, не само во групата туку и на Ф4. Ние сме во група со Киелце, кој е европски првак и нормално е дека тие би требало да бидат фаворити. Кога некој зборува поинаку, тогаш тој нема почит кон Киелце. Се уште е рано да се зборува за тоа“, вели Гонзалез во изјава за клупската страница на „црвено-црните“.
Кристијанштад пред стартот на оваа сезона направи големи промени. Од тимот си заминаа вкупно 14 ракометари, а дојдоа девет нови имиња, но Гонзалез и покрај тоа не сака да коментира околу фаворитски улоги и да прогнозира околу победникот на овој меч.
„Кристијанштад има нови играчи, но треба да го почитуваме нивнот квалитет. Јас сакам да играме како на 2-3 натпревари во Скопје впо СЕХА лигата. Ќе се обидеме да играме побрзо. Вардар сега има нови играчи, а лани требаше да менуваме 2-3 играчи во напад и одбрана. Тешко е тогаш да се игра брзо. Сега имаме помалку измени“, заклучи Гонзалез.
Дуелот со Кристијанштад македонскиот првак го игра в недела од 16.15 часот. Покрај со шведскиот тим, Вардарци во овогодинешното издание на ЛШ се во група со Киелце (Полска), Рајн Некар (Германија), ППД Загреб (Хрватска), Сегед (Унгарија), Целје (Словенија) и Мешков Брест (Белорусија).