Раул искрен: Ќе биде тешко да се надополни негатива од 10 гола! 

Ѕвездениот ПСЖ синоќа забележа тежок пораз кај Киелце во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите.

Полскиот гигант со 34-24 го посрамоти големиот фаворит, а по мечот поранешниот стратег на Вардар, Раул Гонзалез не го криеше своето незадоволство, а призна дека на реваншот ќе биде многу тешко да се анулира толку висока негатива. 

„Киелце одигра далеку подобро од нас, особено во одбраната. На другата страна ние бевме на ниво само во првите 15 минути, а потоа имавме многу проблеми во двата правци. Пробавме со 5-1 одбрана, но ниту тоа не ни успеа. Малку се подобривме на стартот на вториот дел, но во клучните моменти се најдовме во големи неволји. Можам да кажам дека на реваншот ќе се обидеме да играме многу подобро, но ќе биде тешко. Толку висока негатива е многу тешко да се надополни“, рече Раул Гонзалез.

Реваншот во Париз е закажан за 5 мај. Покрај Киелце, предност од првите мечеви имаат Вардар против ПИК Сегед (31-23), Барселона против Нант (32-25), односно Веспрем против Флензбург (28-22).