• Мартин Танасковски

Европскиот ракометен првак Вардар се подготвува за натпреварот против шведски Кристијанштад во Лигата на шампионите, а Раул Гонзалез, стратегот на „црвено-црните“ подготвува стапица во Скопје за противникот кој важи за аутсајдер на хартија.
Шпанецот на прес-конференцијата пред натпреварот соопшти дека не е сигурен околу состојбата на Македа и Мораеш, но и двајцата се појавија на тренинг и во опрема ги одработеа задачите.
Го запрашавме Раул, дали двајцата ќе бидат во комбинација за настап на десеттиот дуел во Лигата на шампионите, затоа што тренираат во полн ритам, а харизматичниот тренер со насмевка на лицето ни одговори - „Можеби, а можеби и не. Ќе соопштам по тренингот. Всушност, не откривам ни по тренингот, туку на денот на натпреварот“.
Вардар е лидер во групата А во Лигата на шампионите, а со евентуален триумф над Кристијанштад ќе направи голем чекор напред во битката за позицијата која води директно во четвртфиналето на ракометната елита каде го брани ракометниот трон.