Раул Гонзалез во „пакет“ со Кристопанс се селат во ПИК Сегед?

Хуан Карлос Пастор, шпанскиот стратег на клупата на ПИК Сегед, по завршувањето на оваа сезона ќе го напушти кормилото на унгарскиот шампион и веќе започнаа шпекулациите за неговиот наследник.

Според пишувањата на унгарските медиуми, многу веројатно на клупата на учесникот во Лигата на шампионите повторно ќе седне шпански тренер. Се работи за поранешниот македонски селектор и поранешен стратег на Вардар, Раул Гонзалез. 

Покрај Раул се шпекулира дека во Унгарија ќе се преселат уште двајца ракометари на ПСЖ, од кои еден исто така е поранешен член на македонскиот шампион. Летонскиот „џин“  Даинис Криштопанс и шпанското десно крило Феран Соле се асовите на „светците“ кои наводно во пакет со Раул од следната сезона ќе го засилат ПИК Сегед.

53-годишниот стратег во ПСЖ се пресели во 2018 година, но сè уште не ја остварил целта за која што е доведен во Париз – трофејот во Лигата на шампионите, кој го има освоено со Вардар. Неговото место во францускиот главен град најверојатно ќе го заземе Чави Пасквал.