Раул го објави поширокиот список на ракометари за бараж двомечот со Романија

Селекторот на македонската репрезентација, Раул Гонзалес, по завршувањето на клупските обврски со тимот на Вардар, ќе се посвети на репрезентативните со Македонија. Тој го објави поширокиот список од 28 ракометари, од кои ќе се бараат 16-те што ќе настапат на бараж средбите против Романија за пласман на Мундијалот во Германија и Данска на почетокот на следната година.

Во споредба со претходната акција за Европското првенство во Хрватска, Раул нема да смета на повредениот дефанзивец Ацо Јоновски, а на поширокиот список ги нема ниту Марко Нелоски, Дарко Димитриевски и Марио Танкоски. Нови имиња се Ласко Андоновски од Пролет, Томислав Јагуриновски и Костадин Петров од Пелистер и Димитар Димитриоски од Металург.

Првата средба од баражот се игра на 10 јуни во Скопје со почеток од 20.30 часот, додека реваншот против Романија е на 13 јуни во Клуж со почеток од 17.30 часот.